Како Јахоски се спаси од притвор: помогнаа милионите, но и мислењата на обвинителствата


Вишото јавно обвинителство-Скопје застанало на страната на газдата на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски и го поддржало предлогот да му биде укинат притворот во замена за гаранција која тој ја дал во движни и недвижни ствари. Истовремено, голема вредност имало и мислењето од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кои го гонат бизнисменот, а сметаа дека може да се брани од слобода под услов да депонира пари. Ова може да се види од решението на Апелација, со кое Јахоски за добиената слобода, треба да депонира имот вреден 986.549 евра и 1.170.731 евра. Според Вишото обвинителство, Јахоски нема потреба да седи во притвор, оти тој не може да влијае на постапката, со оглед дека обвинителот од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе ги собрал сите докази.
„Со оглед дека јавниот обвинител кој постапува по конкретниот предмет во истражната постапка, проценил дека се обезбедени сите материјални и вербални докази и дека од тој момент па натаму не постојат околности за продолжување на мерка притвор по член 165 став 1 точка 2 од ЗКП и да биде прифатена понудената гаранција во комбинација со мерки на претпазливост и да се укине мерката притвор“, стои во ставот на Вишото јавно обвинителство.
Според Апелација, осомничениот Јахоски може да биде на слобода бидејќи тој заложил 1.170.731 евра, односно ист износ на средства колку што според Обвинителството, изнесува штетата врз државата. Истовремено, за судиите, залогот на имотот е доволна гаранција дека тој нема да бега.
„Повеќе не постојат околностите за опстојување на определената мерка притвор за осомничениот А. Ј, во смисла на постоење на основан страв дека истиот ќе ги сокрие фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци, од причина што обвинителството ги обезбедило материјалните докази, а и испитани се сведоци на околностите од кои произлегува основано сомнение дека осомничениот А. Ј. Го извршил кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 од Кривичниот законик, за кое е пропишана казна затвор од една до десет години, поради што јавниот обвинител смета дека предлогот за укинување на притвор и замена со мерка гаранција на недвижен имот, опишан во поднесениот предлог со прилог и утврдена вредност на истиот е основан, доколку осомничениот истовремено понуди и дополнително 72.000.000,00 денари, износ кој одговара на противправно стекнатата имотна корист, според доказите со кои располага обвинителството и со тоа би биле исполнети условите за укинување на мерката притвор и нејзина замена со предложената гаранција и истовремено да бидат определени и мерки на претпазливост согласно член 146 од ЗКП, па доколку сето ова погоре наведено биде исполнето, ОЈО ГОКК смета дека ќе бидат исполнети условите за укинување на мерката притвор и нејзина замена со гаранција и мерки на претпазливост“ стои во решението на Апелација.
Сега, Јахоски ќе биде на слобода без пасош. Истовремено, ќе треба секој прв понеделник во месецот да се јавува кај службено лице во Кривичен суд.
Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, меѓу кои и сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор. Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра. Осомничен во случајот е и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски кој е недостапен за органите на прогон.
Case_40CC5BF6-B6A0-483A-B062-AE3D6B015B79