Дупло поголеми казни за „Дурмо турс“: газдата од четири доби 10 години затвор од Апелација


Обвинетите во трагичниот случај „Ласкарци“ ќе одговараат со построги затворски казни, откако Апелациониот суд Скопје деновиве ја донесе второстепената пресуда со која делумно ги уважи жалбите на Основното јавно обвинителство Скопје, а ги одби како неосновани жалбите на дел од обвинетите.
На Дурмиш Белули, сопственикот на „Дурмо турс“, скопска Апелација му изрече 10 години затвор додека првично доби казна од 4 години затвор.
Одговорниот за транспорт во Дурмо, Ремзи Мифтари доби иста таква 10-годишна затворска казна додека во прв степен му беше изречена 6-годишна казна. На возачот Маноил Трифуноски му е потврдена казната затвор од 14 години, а во казната ќе му биде пресметан и домашниот притвор.
На вработените во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски- казната им е зголемена од 5 години на 7 години затвор. Нивниот колега Јане Бовароски останува на првостепената казна од 5 години затвор.
Шестмината се осудени на вкупно 53 години затвор. Роднините на загинатите и повредените се упатени на барање отштета во парница пред Граѓанскиот суд.
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, уште во Кривиечн суд побара најстрога казна, бидејќи, според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.
Најстрога казна тогаш побараа и оштетените, родители и роднини на загинатите во сообраќајната несреќа.
Процесот во Кривичен суд каде обвинетите добија пониски казни го водеше судијката Диана Груевска Илиевска.
Во автобуската несреќа којашто се случи во 2019 година, животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.
