Свет

Индија: Пакистан ги нападна нашите воени бази со суперсонични ракети со долг дострел

Вечерва имаше нова ескалација меѓу Пакистан и Индија. Пакистан ја обвини Индија за напад врз нејзините воени бази и објави дека започнал голема одмаздничка операција против Индија.

Индиските власти го обвинија Пакистан за употреба на суперсонични ракети за напад врз нивните воени бази, додека во исто време има извештаи за смртни случаи од индискиот дел на Кашмир, вклучувајќи и еден висок функционер.

Портпаролката на индиската армија, полковник Софија Куреши, изјави на брифинг утрово дека Пакистан ги таргетирал индиските воздушни бази со овие ракети. Обвинувањето доаѓа неколку часа откако Исламабад објави дека Индија нападнала три пакистански воени бази со ракети, вклучувајќи една во близина на главниот град.

Говореше и мајорот на индиските воздухопловни сили, Вјомика Сингх, велејќи дека Пакистан извршил „агресивни акции користејќи повеќекратни закани истовремено“ на западната граница на Индија.

Според неа, Пакистан користел низа различни оружја, вклучувајќи беспилотни летала и оружје со долг дострел, за да ги таргетира цивилните области и воената инфраструктура.

„Пакистанската армија, исто така, ги таргетирала воздушните институции со беспилотни летала и ракети со долг дострел по линијата на контрола“, додаде Сингх.

Индискиот министер за надворешни работи Викрам Мисри изјави дека Пакистан редовно провоцира.

„Веќе многу пати реков дека акциите на Пакистан претставуваат провокации и ескалации. Индија одговара на нив одговорно и умерено. И утрово бевме сведоци на продолжување на тој провокативен и ескалирачки модел“, рече Мисри.

И мајорката Вјомика Сингх и индискиот министер за надворешни работи Викрам Мисри тврдат дека пакистанските напади не предизвикале никаква штета на индиската воена инфраструктура.

„Пакистан се обиде да води континуирана злонамерна кампања за дезинформации, тврдејќи дека го уништиле индискиот систем С-400 во Адампур, уништиле воздухопловни бази во Сурат и Сирса, ракетно складиште БрахМос во Нагрота, артилериски позиции во Дерангијари и складиште за муниција во Чандигарх, и сериозно оштетиле други воени објекти. Сите овие тврдења се лажни и Индија недвосмислено ги отфрла“, рече Сингх.

На почеток