(Видео) Мицкоски ќе оди во Кочани да разговара со семејствата на загинатите, откако тие ја одбија поканата за средба во Влада


Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е подготвен да оди во Кочани да се сретне со родителите кои ги загубија своите чеда во трагедијата. Тој рече дека ја почитува нивната одлука да ја одбијат поканата средбата да биде во Владата. Посочи дека тој досега не добил покана за средба со нив, па додаде дека неколку пати бил таму.
„Жалам што е таква одлуката, немам проблем да заминам во Кочани. Ќе сторам сѐ за да им помогнам колку што можам. Лага е дека сум имал покана. Но еве ако ова е покана, ќе појдам, ќе разговарам, ќе се организираме. Стојам на располагање, јас во Кочани неколку пати бев. И дента кога се случи тој хорор, бев кога посетвував некои од семејствата. Овој случај не треба да добие статус на естрада, а некои политички глодари и некрофили се обидоа тоа да го прават. Ја прифаќам поканата, немам проблем да појдам и да помогнам во било што што можам да помогнам, за да пробам таа болка, колку толку да ја намалам“, вели Мицкоски.
Претходно, семејствата на трагично загинатите млади во пожарот што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја одбија поканата од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски за средба закажана на 13 мај во Скопје.
