Независниот полициски синдикат на протест, бараат да се почитува Законот за минимална плата


Независниот синдикат на полицијата денеска напладне ќе излезе на протест на кој ќе бараат да се почитува Законот за минимална плата и судските постапки да се спроведуваат во законски предвидените рокови.
Протестот е закажан да се одржи пред судовите во Скопје, на крстосницата кај „Мавровка“.
„Утре е денот кој го поздравија и поддржаа речиси сите балкански полициски синдикати, освен нашите таканаречени, кои не собраа храброст ниту да го споделат повикот за протест. Утре е денот кога синдикалци од Црна гора и Србија ќе патуваат по неколку часа да застанат рамо до рамо со нашите колеги и да дадат поддршка, а нашите синдикалци ќе се кријат по канцелариите од колегите на кои од утре ќе треба да им објаснат зошто постојат и зошто не се одзваа на поканата“, стои во повикот за протест објавен на фејсбук страната на независниот полициски синдикат.
„Полициската плата е составена од основна плата и зголемување од 30%. Основната плата на полицијата не може да биде под минималната плата во државата. Бараме воедначување на судската пракса на апелациониот суд Скопје со Апелационите судови од Битола и Гостивар кој го потврдуваат нашето барање. Протестот ќе започне пред судовите, ќе се одржат кратки говори и ќе се упатиме пеш кон судскиот совет“, велат од Независниот синдикат на полицијата.
