(Видео) Дел од полицијата на улица, бараат повисоки плати и праведна судска пракса: Не сме од втор ред


Дел од полицајците членови на Независниот синдикат на полицијата денеска протестираа на скопските улици. Тие се незадоволни се поради ниските плати и, како што велат, неправедната судска пракса. Порачуваат дека вработените во полицијата не се службеници од втор ред. Според претседателот на НСП, Мартин Ефремов, мора да се почитува Законот за минимална плата.
„Во моментов имаме илјадници предмети кои полициските службеници ги водат против Министерството за внатрешни работи во кој бараат да се досуди разлика до минималната плата. Полициската плата е составена од основна плата, плус зголемување, минат труд, додатоци, а по Законот за минимална плата основната плата не може да биде под минималната плата“, рече Ефремов во изјава за медиумите за време на протестот.
Според претседателот на НСП, Ефремов, полицискиот протест пред судовите исто така е упатен и за изеднување на судската пракса на целата територија на државата. Во моментов има илјадници предмети кои полициски припадници ги водат против МВР во кои што бараат да се досуди разлика до минималната плата.
„Во различни градови, судовите кажуваат дека на едни полицајци треба да се исплати повеќе плата, а во Скопје велат дека ни е доволна оваа плата што ја земаме. Со пресуди, одредени полицајци имаат наплатено и е докажано. За жал, скопските судови велат дека тоа не следува. Тука доаѓа до огромен револт и неизедначување на платите. Платите е многу едноставно да ги пресметате – треба да го помножите бодот со бројот на бодови што ги имаме. Полициски службеник има од 550 бодови па нагоре, а бодот во МВР е 35,47 денари. Со години, полициската плата е многу под минималната. Доколку не се одважат на нашите барања, ќе ги известиме сите наши братски синдикати, амбасади и европски институции и ќе продолжиме со протестите. Нема да се откажеме од тоа што ни следува и од законот“, додаде Ефремов.
