Возачот Васил Јованов вратен во затворот, во судницата тензии


Возачот Васил Јованов кој на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова, останува во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка.
„По советување и гласањето, судот донесе решение, спрема обвинетиот Васил Јованов, се продолжува до правосилноста на пресудата, но не подолго од должината на изречената казна затвор“, рече судијката Снежана Марковска.
Во судницата имаше тензии. Тодор Кулаков, татко на Фросина се обрати до родителите на Васил Јованов, при што интервенираше судската полиција.
„Родителите на Васо беа релаксирани, за разлика од претходното рочиште кога беа вкочанети. Да не ја знаеја казната?“, рече надвор Кулаков.
Реакција кон неправосилно осудениот Васил Јованов, имаше и од пријатели на семејството, со пцости. И тие беа отстранети.
Претходно, Обвинителството побара мерката притвор за неправосилно осудениот Васил Јованов, да му биде продолжена. Тие сметаат дека тој може да го повтори делото или да се даде во бегство. Адвокатот Сашко Дуковски се противеше на ваквата мерка и рече дека неговиот клиент не може да повторно да го стори истото дело. Јованов само кратко рече дека нема никакво барање.
„Предлагам мерката притвор да се одржи до ефективното издржување на казната заствор, поради исполнетоста на законските услови, односно поради фактот дека сѐ уште постои опасност од бегство на обвинетиот и постои основан страв дека ќе го повтори кривичното дело“, рече обвинителот Александар Маркоски.
Одговори и Јованов.
„Поаѓајќи од воспоставената пракса на овој и другите судови и изрекувајќи на казна од вакво траење, му оставам на судот да се произнесе и да определи дали продолжувањето на притворот е потребно во смисла на одребите на законот, односно поради опасност од бегство. Апсолутно се противам за продолжување на притворот по изрекување на пресудата, односно повторување на делото. Се работи за кривично дело кое што не се врши секојдневно, а обвинетиот не може да го повтори ваквото дело“, рече Дуковски.
На крајот, судот побара изјаснување и од Јованов.
„Немам никакво барање“, рече Јованов.
