Весна Јанеска воздржана за министерската функција во здравство, Мицкоски најави дека следната недела ќе се знае сѐ


Името на министерката за образование, Весна Јаневска, уште од вчеравечер беше лиферувано во јавноста, за потенцијален министер за здравство. Таа, не одговори дали се гледа во овој ресор.
„Оваа држава има премиер, претпоставувам има и преговарачки тимови. Јас ќе бидам таму каде премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, рече Јаневска, а на прашањето, дали се гледа во ресорот здравство, таа додаде: „Веќе ви одговорив на прашањето“.
Премиерот Христијан Мицкоски беше прашан дали ресорите кои ги напушта Алијансата на Албанците, предводена од Арбен Таравари, ќе ги земе ВМРО-ДПМНЕ, на што одговори дека тоа ќе се знае идната недела.
„Во периодот кој следува многу работи ќе бидат појасни. Да бидеме трпеливи и да разговараме. А сигурен сум дека ќе има договор. Очекувам веќе следната недела да има повеќе на оваа тема“, рече Мицкоски.
Тој добил и овластување од ВМРО-ДПМНЕ за да номинира нови имиња за ресорите кои ги напушта Алијсаната односно крилото на Таравари.
„Членовите ме овластија, добив практично дозвола да номинираме нови имиња кои ќе ги заменат имињата на тие кои одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети“, рече Мицкоски.
