Зошто е укината одлуката на Апелација за Васил Јованов: направена е процесна грешка, повредени биле правата на обвинетиот


Скопска Апелација направила процесна грешка, поради што, била укината одлуката за пресудата против Васил Јованов, во предметот за дрогата. Во образложението на Врховниот суд стои дека судиите од Апелација, не го известиле адвокатот на Јованов, дека ќе се одржи седница, а донеле одлука. Според Врховен суд, ова е повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбена постапка, како и правото на еднаквост на оружјата и правото на правично судење.
Видно од жалбата изјавена од обвинетиот В.Ј., преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од С., со истата било истакнато барање, согласно член 421 став 3 од Законот за кривичната постапка, обвинетиот и неговиот бранител да бидат известени за седница на советот пред второстепениот суд. Согласно член 421 став 3 од Законот за кривичната постапка, за седницата на советот ќе се извести јавниот обвинител и оној обвинет и неговиот бранител, или приватниот тужител кој во рокот предвиден за жалба или за одговор на жалбата барал да биде известен за седницата или предложи одржување на расправа пред второстепениот суд. Имајќи ја предвид содржината на погоре цитираната законска одредба, произлегува дека, за седницата на советот, обвинетиот, бранителот и приватниот тужител ќе бидат известени, ако тоа тие го побарале во поднесената жалба односно одговорот на жалбата. Во конкретниот случај, второстепениот суд не ги известил обвинетиот и неговиот бранител за одржувањето на седницата иако такво барање било истакнато, во жалбата изјавена од обвинетиот“, стои во образложението на Врховен суд.
Тие посочуваат дека праксата на Европскиот суд за човекови права, правично судење подразбира секоја од странките да добие можност да го претстави својот случај, што во конкретниот случај не било овозможено.
„ Според Европскиот суд за човекови права, кога апелациониот суд е повикан да испита дали казната на апликантот треба да се зголеми и кога жалбената постапка може да покрене прашања, вклучително и прашања како личноста и карактерот на апликантот, што ја прави таквата постапка од клучна важност за апликантот бидејќи исходот може да биде од голема штета за него, второстепениот суд не може правилно да го испита случајот без директно да го сослуша жалителот и да стекне личен впечаток за него“, се додава во одлуката на Врховен суд.
Тие наведуваат и други повреди од судиите во скопска Апелација.
„Поради тоа, овој суд оценува дека Апелациониот суд Скопје сторил повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка, повреда на правото на одбрана на осудениот и повреда на правото на еднаквост на оружјата, а тоа влијаело или можело да влијае врз законито и правилно донесување на пресудата и правото на осудениот на правично судење“, пишува во образложнието на Врховен суд, потпишано од претседател на советот, судија Цветанка Периќ.
??????? васил