Македонија

Бектеши е дома, излезе од зад решетки и сега издржува куќен притвор

Ексминистерот за економија, Крешник Бектеши, осомничен во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, од вчеравечер е дома. Мерката ефективен притвор му е заменета со куќен притвор, со одлука на судот, а по предлог на Обвинителството. Информацијата за „Скопје1“ на потврди неговиот адвокат Еленко Милаков, кој посочи дека ќе го разгледа решението, па ќе одлучи дали ќе бара укинување и на оваа мерка за обезбедување присуство. Бектеши помина два месеци во притвор.

Обвинителскиот тим кој постапува во предметот за пожарот во дискотеката “Пулс” ги привршува дејствијата на распити на сведоци – очевидци на настанот, соопштија вчера оттаму.

„Распитите на осомничените и на други лица се реализираат без отстапувања и согласно утврдената динамика. Интензивно се работи на повеќе вештачења и се вкрстуваат податоците од анализите на обезбедените електронски уреди. Согласно фазата во која се наоѓа постапката и доказите кои веќе се обезбедени, обвинителството до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка притвор со мерка куќен притвор за двајца осомничени – поранешен министер и поранешен државен секретар во Министерството за економија, додека за 18 лица предложено е продолжување на претходно определени мерки притвор и куќен притвор. По предлoзите на обвинителството ќе одлучува Судот“, велат од Обвинителството.

Бектеши е осомничен во делот на издавање на лиценцата на дискотеката „Пулс“ која функционирала додека тој бил на министерската позиција. Лиценцата, според Обвинителството, била потпишана од него, како и секоја друга. Но истовремено, дискотеката не ги исполнувала критериумите за безбедност, за да може да работи.

На почеток