Вештакот се обиде да ја префрли вината врз моето дете, вели мајката на загинатиот Алек по судското рочиште


По неколку одлагања, се одржа рочиште за сообраќајната несреќа во која загина младиот Алек Радулов од скопски Илинден. Судијката Тамара Витларова го одби барањето да се изземат супервештаците поради претходна соработка со адвокатот на обвинетата. Иако семејството кажа дека се сомнева во нивните анализи и кредибилитет, сепак, Витларова не дозволи друг да во вештачи предметот. Мирјана, мајка на загинатиот Алек, вели дека рочиштето не се одржало до крај бидејќи во салата требало да се одржи друго судско рочиште – па ова било прекинато.
„Од тројцата повикани, денес беше делумно сослушан само Јане Илијоски, бидејќи поради закажано друго судско рочиште не остана време за распит на останатите. Неговото сведочење се одвиваше во затегната атмосфера. На самиот почеток, Илијоски се обиде да го префрли целиот товар на вината врз моето дете, наведувајќи дека се движел со брзина поголема од дозволените 50 км/ч – тврдење што се коси со објективните докази и околности на несреќата“, вели Мирјана Радуловиќ, мајка на загинатиот Алек.
Таа посочува дека вештакот се заплеткал во своите тврдења. Мајаката одново ги повтори аргументите зошто се сомнева во ова вештачење.
„По неколку неуспешни обиди да се држи до претходната верзија, не можеше да го одбегне фактот и да потврди дека доколку не се презело дејство со свртување на лево до сообрачајната несреќа немало ни да дојде. Исто така фатен во тесно од прашањата на Обвинителството дали имала Сања Ивановска можност на 27 метри растојание кое тој го става во вештачењето да го види мопедот кој доаѓал од спротивната страна на рамен пат, во добри временски услови – кажа дека можела да го види. Неговите изјави држејќи се на поголема брзина според него 70.2 км/ч и давајќи му маса на мопедот од 290 кг ‘стручњаков’ донесува заклучок дека мопедот успеал да го помести рено клиото возило со тежина од 1700 кг уште неколку метри замислете и дека таа само околу метар имала навлезено во лентата по која се движи Алек, што очигледно заборавил дека скицата ја имаме сите и на неа јасно се гледа дека возилото целосно е навлезено во спротивната лента. Господинот Илијоски изгледа сакал да претстави многу поголема брзина да можел од фактичката состојба и при тоа повторно служејќи се со максимални бројки што ги нашол на интернет,имено само за појаснување тежината на ‘Априлиа’ мопед изнесува 108 кг , а не 290 кг како што тој тврди“, вели Мирјана Радуловиќ.
Мајката на Алек, и директно се обрати до вештакот.
„Господине Јане еве директно ќе Ви се обратам иако Вие не заслужувате ниту да Ве персирам. За срам, срам немате, за чест и да не зборуваме, за ситни пари си ја продадовте душата на ѓаволот! Ама деца имате ли???Останало ли нешто човечно во Вас??? Немојте да мислите дека мирно ќе спиете и дека нечујно ќе Ви дозволам да се тргнете од судската говорница и скришно исчезнете! За Вашата „стручност“ како вештак ќе се потрудам малку подобро да Ве презентирам во јавноста. За ова поигрување со едно семејство и правото што сте си го земале да газите по телото на мојот покоен син, само да знаете овие мајчини солзи и клетви некого ќе стигнат. Г-дине Славевски и г-дине Доневски вие сте на ред,на секој од вас секој збор ќе ви биде внимателно проследен на 10 јули!“, стои во изјавата на Радуловиќ.
Семејството на загинатиот Алек, четири години чека правда за нивното дете.
Семејството во детали го раскажа случајот во „Претрес“:
