По година и пол затвор добија ексдиректорите на тетовската болница, по пожарот во модуларниот објект каде загинаа 14 пациенти


Поранешните директори на Клиничката болница во Тетово, Флорим Бесими и Артан Етеми, кои сега се сега обвинети во процесот по пожарот во модуларната болница, се осудени дека го сториле делото „тешки дела против општата сигурност“. Судот им досуди затвор од по 1 година и 6 месеци. Тетовската болница треба да плати еден милион денари.
Предметот се судеше одново, а судот за разлика од минатиот пат, досуди построги казни. За потсетување, претходно, двајцата ексдиректори добија условни казни.
Ексдиректорот на тетовската болница Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми, не се гонат поради причината за пожарот во тетовската модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. Докторот Бобан Вучевски, кој беше ослободен од вина, го судеа бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането. Ова е суштината на обвинетието за пожарот кое беше поднесено од тетовското Обвинителство. Во него стои дека пожарот се гаснел со ќебе и вода. За животот на пациентите се бореле двајца доктори, три медицински сестри и болничарка. Сите барале противпожарни апарати, но не успеале да ги најдат.
Застапник на обвинението е тетовскиот обвинител Бесир Алиу.
Во страотниот пожар што изби вечерта на 8 септември 2021 загинаа 14 пациенти и нивни роднини.
