Македонија

Сите алиби моменти на Палевски ги сузбиваше Обвинителството: презентирани пораки праќани кон обвинетиот деновите кога се случиле убиствата

Обвинителството со докази ги сузбиваше тврдењата на Љупчо Палевски-Палчо, дека деновите кога се убиени младата Вања Ѓорчевска (17.11) и велешанецот Панче Жежовски (22.11), тој не бил на локациите на ликвидациите. Истовремено, се произнесе зошто чаурата најдена на местото каде е убиен велешеанецот, не е вештачена. Освен ова, Обвинителството го оспоруваше и тврдењето на каратистот Боре Видевски, дека деновите кога жртвите биле ликвидирани, тој бил на работа. Па така до судот достави податоци од Јавното комунално претпријатие „Дервен“-Велес кои одговориле дека тој не се евидентирал преку електронскиот систем критичните денови

„Приговарам и се противам на изведувањето на овој доказ и на таа околност ќе предложам соодветен доказ“, рече адвокатот на Боре Видевски, Бојан Манев.

Љупчо Палевски и неговиот адвокат Јовица Страшевски, во текот на претходните рочишта бараа вештачење на чаурата, за да се спореди со базата на МВР, а од што ќе може да се види дали во Жежовски било пукано од оружјето на Видевски, кое не е најдено. Последно, Видевски рече дека го извадил од домот, но не се сеќава каде го оставил. Но, МВР одговорило дека не може да се направи споредба на чаурата, бидејќи немало пробно испитување на оружјето.

„Доказ 2: Известување по донесена наредба од ОЈО Скопје, од МВР Оддел за граѓански работи, Сектор/Отсек за оружје, експлозивни и опасни материи Велес, во однос на околноста дали е извршено пробно испитување од оружјето кое обвинетиот Боре Видевски го поседува во евиденцијата од МВР. Нема податоци за пробно испитување за оружјето кое тој го поседува во евиденцијата и тоа пиштол Зброевка 75Б калибар 9мм“, кажа обвинителката.

На ова реагираше обвинетиот Љупло Палевски.

„Во однос на овој доказ, му посачувам на судот дека барав вештачење на пронајдената чаура, која е доказ на одбраната а не на ОЈО. Барав да се вештачи е не да дава информации дали или не отисок од додената игла на конкретното оружје. Наместо наредба за вештачење, гледам наредба за доставување известување, кое го прави Форензика а не Сектор за оружје. Така да нема никаква употребна вредност, така што поседувам докази со кои ќе докажам на судот дека ОЈО неполни 18 часа по пронаоѓање на телото на отштениот Жежовски е запознаено со ова оружје, но тие документи на МВР не постојат ниту во истражните списи, не само во судските. И затоа сметам дека ова не може да биде изговор за да не биде вештачена предметната чаура со однапред познато оружје. Мене не ми смета нека биде изведен како доказ, но инсистирам на вештачење“, рече Палевски. .

Потоа, беше презентирано и вештачењето направено од Секторот за форензика на МВР. Била направена анализа на пиштолот на Видевски, но не можело да се направи совпаѓање со чаурата оти немало пробно испукување.

„За пронајдената чаура е направена споредба со базата која ја поседуваат. Видно од известувањето, доставена е информација дека предметната чаура потекнува од муниција со калибар 9мм пара произведена од 2002 година, истата поседува траги.. механичките траги се внесени во автоматска компарација и не постигнати совпаѓања и поклопување на трагите, со внесените чаури во системот кои потекнуваат од кривично правни настани на територија на државата. Била направена и компаративна анализа и за пиштолот на Боре Видевски, доставени од полицијата во Велес, од 6 мај 2025 година, и се известува дека со оглед на тоа дека нема податоци за извршени пробно испукување не е направена споредба и се појаснува дека без доставени чаури од пробно испитување од конретното оружје не може да се врши компаративно испитување од предметната чаура“, кажа обвинителката.

Палевски тврдеше и дека на 22 ноември, денот кога е убиен Жежовски, бил кај лицето Ерол Османи за му го поправа котелот. Обвинителството изведе фотодокументација со комуникација на обвинетиот и Османи. Комуникацијата е од 22 до 28 ноември.

„Од пораките произлегува дека комуникацијата била најпрво на 22 ноември во 16:13 минути кога сведокот Османи испратил фотографија и порака: ‘ова го врзав директно. Не знам зошто, можеби има склопка, како се врзува поинаку? Сакам да ми работи на тивок режим’, а на ова не добил одговор. На 25 ноември во 19:17 минути, сведокот пратил порака до: ‘Ми требаш за греењето’, одговор нема. Од 22 до 25 не е извршено поправање на греењето“, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, со што докажува дека тврдењето на Палевски дека поправал котел кога Жежовски е убиен е неточно, а пак првата поплака на сведокот Османи била на 22 неомври, попладнето, кога Жежовски, според обвинението е веќе убиен.

Потоа, следуваа пораките од сведокот кон Палевски на 27 ноември, кога е убиена Вања Ѓорчевска. Комуникацијата започнала во попладневните часови, кога Вања е веќе убиена.

„На 27 ноември во 12:44 часот сведокот Ерол му праќа порака: ‘Идеш навака?’. И овде нема одговор, па истиот ден во 15:55 сведокот Ерол праќа порака: ‘Да купам нова електроника?’. Тоа значи дека обвинетиот Палевски ниту отишол кај сведокот Османи на 27 ноември ниту извршил поправка. Порака е пратена дури во 23:30 минути од обвинетиот Палевски кон Османи, од која е видливо дека до тој момент Палевски не отишол кај Османи“, додаде обвинителката.

На ова пак реагираше обвинетиот Палевски.

„На сликата пратена на 22 ноември е вентиатор, а не котел и тој се жали дека тој работи, ама нон-стоп. Нема потреба да го поправам кога веќе сум го поправил котелот и тој грее. Затоа и не одговарам на пораките. И самиот праша, прочитавте – дали да купи нова електроника. На 28 ноември тој тврди дека сум го поправам котелот кај него, а не на 27 ноември. Јавниот обвинител не покажа датум 28 ноември, не слушнавме ништо за тој ден. Денот 27 ноември е веќе расчистен и не знам што докажавте со котелот на Ерол на 27 ноември. Објаснете му на судот зошто во телефонската анализа сте го прескокнале денот 28 ноември“, рече Палевски.

Палевски спореше и колку лица имало во автомобилите „рено кангу“ и „цитроен“ кога поминуваат покрај велешки хотел, упатувајќи се од/кон местото каде е ликвидиран Жежовски. Тој изведе службена белешка на која полицаец напишал дека се гледаат три лица. Според него, ова е потврда дека во грабнувањето на Панче учествувале три, а не четири лица.

„Еден цитат од службената белешка, што е утврдено со неа, а влијае на фактите во врска со грабнувањето на Жежовски: ‘При прегледот на видеозаписите од 22. Ноември во 10.25 забележува патнички автомобил ‘рено кангу’ како се движи во правец Велес-Скопје по регионалниот пат и во внатрешноста на возилото се забележуваат две лица. Се забележува и ‘цитроен’ како се движи во правец Велес-Скопје по регионалниот пат и во внатрешноста на возилото се забележува едно лице“.

Со дополнување на доказната постапка, овој предмет се ближи кон пресуда. Следуваат завршни зборови на обвинетите.

На почеток