Ново рочиште за убиствата на Вања и Панче – ќе се изведуваат нови докази


Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува главната расправа за бруталните убиства на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје и Панче Жежовски (74) од Велес, кои беа ликвидирани.
На минатото рочиште, дополнителни докази изведуваше Обвинителството помеѓу кои имаше снимки од безбедносните камери кај Велибор Манев кои, според Обвинителството, покажуваат дека обвинетите однапред се подготвувале за убиство, а не само за киднапирање на Вања Ѓорчевска. На снимката што беше прикажана во судот, видлив е моментот кога Манев става лопата во возилото „Рено Кангу“.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
