За прв пат во Македонија потврдени два случаи на мајмунски сипаници


Институтот за јавно здравје синоќа потврди дека се регистрирани првите два лабораториски потврдени случаи на мајмунски сипаници (Monkeypox) во земјава.
Пациентите биле упатени од Клиниката за кожни болести како сомнителни случаи, а истовремено било побарано да се извршат и испитувања за ХИВ, сифилис и херпес. По извршени анализи со три различни методи, Институтот потврди дека кај двајцата пациенти е детектиран вирусот на мајмунски сипаници.
„Согласно протоколите, веднаш по добивањето на резултатите, беа известени сите надлежни институции, вклучително и Министерството за здравство, Клиниката за кожни болести и Инфективната клиника“, информираат од ИЈЗ.
Ова е првпат во земјава лабораториски да се потврдат случаи на ова заразно заболување.
Епидемиолозите од Институтот спроведуваат анкета со цел прибирање на податоци релевантни за следење на потенцијалното ширење на вирусот. Се препорачува позитивните пациенти да се јават на Инфективната клиника за понатамошно следење и третман. Според надлежните, нема простор за паника, бидејќи институциите дејствувале брзо и координирано.
„Докторот кој ги прими пациентите веднаш ги информираше за резултатите, а стручните лица епидемиолози од Институтот се вратија на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица. Се добиваат податоци кои се исклучително важни за понатамошно постапување“, велат од ИЈЗ.
Мајмунските сипаници се вирусна зооноза, односно болест која се пренесува од животни на луѓе, но може да се пренесе и меѓу луѓето. Причинети се од вирус сличен на вирусот на сипаници, но со релативно поблага клиничка слика. Симптомите вклучуваат треска, главоболка, болки во мускулите, зголемени лимфни жлезди и карактеристичен осип што најчесто започнува на лицето, а потоа се шири на другите делови од телото.
Вирусот најчесто се пренесува преку близок контакт со заразено лице, телесни течности, кожни лезии или преку загадени предмети (облека, постелнина). Болеста вообичаено трае 2 до 4 недели, а најголем дел од пациентите се опоравуваат без последици.
„Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и се преземаат сите превентивни мерки. Во текот на утрешниот ден ќе следат подетални информации за јавноста”, велат од ИЈЗ.
