Стануваш пред време? Плаќаш! Турција казнува нетрпеливи патници во авион


Патниците кои веднаш по слетувањето во Турција стануваат од своите седишта и се туркаат низ премините ризикуваат да бидат казнети со 60 евра. Турските воздухопловни власти најавија нова мерка со цел да ја подобрат безбедноста и редот при напуштање на авионите.
Новата регулатива се однесува на патници кои:
предвреме го откопчуваат безбедносниот појас,
стануваат додека авионот се уште се движи по пистата,
ги вадат рачните торби од горните шкафчиња пред дозвола за излегување.
Според планот, патниците ќе треба да останат седнати и по исклучување на светлото за безбедносни ремени, сè додека екипажот не ги повика да го напуштат авионот.
„Авиокомпаниите се должни да ги потсетат патниците да останат врзани до целосно запирање на авионот, а секое прекршување ќе се пријавува до воздухопловната управа и ќе следи финансиска казна“, објави германската новинска агенција DPA.
Турските власти се надеваат дека со оваа мерка ќе се спречат нереди и потенцијални повреди, како и ќе се подобри безбедноста при слетување.
