„Охрид е тврдина на словенската писменост“ – градоначалникот Пецаков во чест на Кирил и Методиј


„Светите браќа Кирил и Методиј, апостолите на словенството, ги втемелија корените на писменоста и културата на нашиот народ. Затоa, со длабока благодарност и исконска почит, се поклонуваме пред нивното дело – дело што не е само духовен патоказ, туку и столб на нашиот идентитет“, објави Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид и додава:
„Мисијата на овие први учители е порта кон нашето спознавање, а нивното дело ни докажува дека не сме случаен народ. Ние сме народ со своја азбука, свој јазик, своја духовност– народ што говори со срце и пишува со душа. Охрид како древен град, скапоцен бисер и тврдина на словенската писменост, со посебно внимание го чува споменот на Светите Кирил и Методиј. Тука нивното дело доби живот, во секој камен, во секоја буква, во секое писание. Тука се создадоа првите училишта, се напишаа првите книги, се изградија храмовите на македонската културна и духовна судбина.
Токму затоа, денес, со огромна пофалба, им оддаваме признание на нашите најуспешни ученици – младите охридски надежи, кои со својот труд и талент се вистинска гордост за сите нас. Тие се продолжувачи на светата мисла. Тие сте идните чувари на знаењето и на вистината. Тие се лицето на Охрид и современа Македонија – образована, достоинствена и самобитна. Општина Охрид секогаш ќе стои на страната на образованието. Ќе вложуваме уште повеќе, ќе ги поддржуваме учениците, наставници и институции – затоа што иднината на еден народ се гради врз просветата. Нека живее делото на Кирил и Методиј! Нека е за многу години! Нека е вечен Охрид нека е вечна Македонија!
