Македонија

,,Сите за Кочани – Трчаме заедно“, хуманитарна трка во седум градови

Денеска ќе се одржи хуманитарна трка за настраданите во трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани.

Организатор е Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп хаус, со што оваа година ќе го одбележат „Денот на Европа“.

Мотото на трката е ,,Сите за Кочани – Трчаме заедно“

,,На 25 мај, истовремено во седум града – Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово, ќе трчаме заедно со една единствена цел: да му подадеме рака на Кочани. „СИТЕ ЗА КОЧАНИ – ТРЧАМЕ ЗАЕДНО!“ е хуманитарна иницијатива во која може да учествува секој, без разлика на возраста или физичката подготвеност. Трките се наменети за сите: рекреативци, спортисти, аматери, помлади и повозрасни, бидејќи не се работи за километри, туку за солидарност”, велат од Делегацијата на ЕУ.

Пријавувањето може да се врши преку платформата https://sitezakocani.mk, каде што секој заинтересиран може да избере град и да стане дел од најважната трка оваа година.

Сите средства собрани од котизациите ќе бидат донирани преку Црвениот крст, кој ќе ги даде за Кочани, таму каде што се најпотребни.

,,На 25 мај, нема да трчаме за резултати, ниту пак за награди, ќе трчаме за солидарност и за вредностите кои нѐ дефинираат како општество и како заедница. Сите за Кочани – да трчаме заедно! Придружете ни се”, стои во повикот за настанот.

Во Скопје, трките ќе се одржат на Средно Водно. Трката од 5 километри започнува во 10:00 часот, додека трката на 10 километри ќе започне во 11:00 часот. Пристапот со возила кон Средно Водно ќе биде регулиран, а паркингот нема да биде достапен за возила. Затоа ќе биде обезбеден организиран бесплатен автобуски превоз од паркингот кај Цветен пазар до Средно Водно.

На почеток