Уапсен Македонец во Грција, бегал од правдата речиси три децении по убиство во 1997 година


Македонски државјанин, осуден на 15 години затвор за убиство извршено во ноември 1997 година, е уапсен во грчкиот град Катерини, јавува грчката новинска агенција АНА-МПА. Против него била распишана европска потерница, а по убиството се претпоставува дека со години се криел во Бугарија и Турција.
Станува збор за 60-годишен маж кој, според судските документи од Македонија, во 1997 година предизвикал сообраќајна несреќа, по што, кога жртвата излегла од возилото, ја нападнал со оружје и ја усмртил. Жртвата била 37-годишен македонски државјанин.
За убиството, сторителот бил осуден во 1998 година, но избегал пред да започне издржувањето на казната. По неговото апсење во Катерини, тој ќе биде изведен пред обвинител во Солун, каде што ќе започне процедурата за негова екстрадиција назад во Македонија.
Случајот повторно ја отвора темата за бегалците од правдата и меѓународната соработка во борбата против криминалот.
