Македонија

Падна Штекли со групата – некои се спогодиле, Раде не постигнал договор за казна

Собрани се сите докази за групата која ја предводел Раде Трајковски-Штекли, која според Обвинителството за гонење организиран криминал, броела 17 членови. Сите се гонат за трговија со кокаин и марихуана, која се криела по станови. Досега, седум членови на групата признале вина и се спогодиле со Обвинителството, па добиле по 3-4 години затвор, од максимални пет кои можеле да им бидат изречени. Воглавно, тие кои се спогодиле биле препродавачи, фатени со мали количини. Но, додека да се стигне до дрогата, закани имало од повеќе страни. Обвинителството откри дека дрогата се продавала преку интернет, но и по ресторани. Една од локациите е Аеродорм.

„ Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година обвинетите како повеќе лица се здружиле во криминална група која на територијата на град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги – кокаин и марихуана. Врз основа на прибавените докази во истражната постапка утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на нарко-пазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи. Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со обвинителството и притоа добија затворски казни“, вели Обвинителството.

Штекли, според Обвинителството, бил уапсен по сознанијата дека се спрема за бегство. Кај него, биле направени претреси, но пред да влезе полицијата, според Обвинителството, тој отстранува сѐ што е криминално од домот. Но, видео надзорот го разоткрил.

„Кај него имаше претреси, а беа најдени само остатоци. Од видео надзорот се потврди како ги отстранува тие цели коцки, од кои две беа најдени во стан, три во специјална направа во бункерот“, додаваат од Обвинителството.

Некои од групата се бранат со молчење, други одрекуваат дека сториле нешто, а дел се спогодиле. Спогодба му била понудена и на Штекли, но тој не ја прифатил со оглед на понудената затворска казна. По прифаќање на обвинението, нему ќе му се суди во Кривичниот суд.

 

 

На почеток