„Протест со ѓубре“: Ганиу го брани потегот, МВР откри дека е одземено возилото со кое истураа пред Град Скопје


По „драмата“ што се случи на пред објектите на Град Скопје, каде група граѓани исфрлија отпад со товарно возило, а беа предводени од градооначалникот на Чаир, Висар Ганиу, реагирале инспекторатите и МВР. Главниот актер на настанот, Ганиу, јавно призна дека дејствието било противзаконско, но како што вели – било чин на очај и протест.
„Знам дека е противзаконско, немав што друго да правам. Немав друго чаре. Сакав да го сензибилизирам, за да им кажам дека Чаршијата е наша, на нашата држава. Да доаѓаат туристи и да ни го сликаат ѓубрето – тоа… Немаше никој од тие кои работат во Чаршијата.. Секој што критикува одма има инспекција – дали за тенди, столчиња, маси, тортура се прави. Еден наш колега излезе, само што беше на пресот, утре дента му го сменија работното место на неговото девојче. Ова не е во ред, доаѓа време, некој ќе треба да одговара“, рече Ганиу.
Од МВР известија дека е одземено возилото со кое се истурало смет.
„Во врска со настанот од 28.05. пред објектите на Град Скопје, ве информираме дека во 23,05 часот беше пријавено дека група луѓе (од 30 до 40 граѓани) се движат од објектот на Владата на РСМ кон Градскиот парк, а во 23,20 часот од страна на инспектор од Град Скопје е пријавено дека пред бараките на Град Скопје повеќе лица со камион исфрлиле отпад. Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на лице место, преземени се сите службени дејствија, извршени се разговори а од страна на екипа на ЕУМНА извршено е фотографирање на лице место. Со оглед дека е констатирано прекршување по основ на Законот за јавна чистота, од страна на инспектори при Град Скопје товарното возило марка „Мерцедес“ е одземено и во придружба на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција истото е однесено во „Дрисла““, велат од МВР за „Скопје1“
