Демографската слика сè поцрна – Македонија се празни


Негативниот природен прираст, кој со години се продлабочува, не е само прашање од висок национален интерес, туку станува и прашање на опстанокот на државата – предупредуваат експертите. Без луѓе, нема ниту држава.
Најновите податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) се алармантни. Во првото тримесечје од 2025 година се родиле 3.526 деца, а починале 5.398 лица – што значи дека се бележи негативен природен прираст од минус 1.872 луѓе. Во однос на истиот период лани, бројот на новородени е намален за 2,9%, додека бројот на починати е зголемен за 3,8%.
Дополнително загрижува и значителниот пад на бројот на склучени бракови – во првите три месеци од годинава се регистрирани само 1.846 бракови, што е за 25% помалку отколку во истиот период во 2024 година.
Демографските бројки покажуваат опасен тренд – се раѓаат сè помалку деца, сè повеќе луѓе умираат, а се склучуваат сè помалку бракови. Ако ова продолжи, Македонија ризикува да се претвори во празна држава.
