Во Келн е во тек најголемата евакуација од Втората светска војна, девет училишта и 58 хотели се затворени.


По откривањето на три бомби од Втората светска војна, започна евакуацијата на околу 20.000 луѓе во германскиот град Келн. Полицијата од утрово оди од врата до врата за да провери дали куќите и деловните објекти се празни, додека експертите се обидуваат да ги деактивираат бомбите, јавува Скај њуз.
Тоа е најголемата евакуација во овој град од крајот на војната, со оглед на тоа што во понеделник беа пронајдени две американски бомби со тежина од 1000 килограми и уште една со тежина од 500 килограми. Поради нивната големина, потребно е да се огради безбедносна зона во радиус од илјада метри.
Девет училишта, 58 хотели, една болница, главното градско собрание и областа во близина на познатата катедрала, која е заштитена од УНЕСКО, се привремено затворени. Отворени се и два приемни центри за граѓаните кои мораа да бидат евакуирани.
Градските власти изјавија дека главниот план е да се обидат да ги деактивираат бомбите, но доколку тоа не е можно, алтернативната опција е нивно контролирано детонирање. Во овој случај, потребно е да се огради областа со песок и вода, со цел да се намалат штетите од експлозијата.
Властите се надеваат дека пиротехничарите ќе успеат да ги деактивираат бомбите на време, за да можат граѓаните да се вратат дома до вечерта.
Се проценува дека околу 1,5 милиони бомби биле фрлени врз Келн за време на Втората светска војна. Експертите веруваат дека околу 20 проценти од нив не експлодирале. Некои од овие направи сè уште лежат под земја, што довело до евакуации неколку пати во текот на годините.
