Политичка војна по трагедиите: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за „Пулс“ и модуларната болница во Тетово


Неколку дена со ред, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се напаѓаат за тоа кој е виновен за трагедијата во дискотеката „Пулс“, но и за пожарот во модуларната болница во Тетово. Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се во насока дека вина за објектот кој изгоре, а во кои имаше пациенти, има претседателот на СДСМ, а тогашен министер за здравство, Венко Филипче.
„Немаат крај скандалите на Венко Филипче. По досега изнесените информации во Аферата – Провизии кои чинат животи, од кои се утврди дека на Филипче како министер за здравство важни му биле само профитите, на површина излегуваат дополнителни скандали. Венко Филипче е директно одговорен и виновен за набавката на модуларните болници, со лош квалитет и леснозапалив материјал, поради што тетовската, во која животот го загубија 14 луѓе, целосно изгоре за само две минути. Според информациите кои стигнаа до нас, тогашниот министер за здравство, Филипче лично ја подготвил спецификацијата за тендерската постапка, каде што модуларните болници биле набавени како стоки. Лично тој ја дал готовата техничка спецификација во одделот на Министерството за здравство задолжено за спроведување на набавката. Ова го потврдува одговорното лице од Министерството за здравство кое се потпишало на спецификацијата дадена од Филипче лично, во исказ пред Јавното обвинителство. Лицето кое Венко Филипче го назначил за главен и одговорен архитект на сите модуларни, одговорно лице за техничката спецификација и претседател на Комисијата за јавни набавки за 13-те модуларни болници, во исказот вели дека не ја изготвило техничката спецификација, туку само сум ја проследило по налог на министерот, до министерот за труд и социјална политика“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Еден час подоцна стигна соопштение и од СДСМ. Тие велат дека власта ги штити виновниците.
„Нема правда за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 62 деца, а над 200 беа повредени. Поминаа речиси три месеци, а Обвинителството не покрена ниту едно обвинение против актуелни функционери на власта кои биле на функции. Тоа не може да биде случајно. Тоа е организирана заштита од власта. Клучното прашање е зошто Мицкоски се плаши од вистината за Кочани? Дали се плаши дека ако истрагата ја следи вистината, таа ќе стигне до врвот на власта? Дали затоа се штитат вистинските виновници? Началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, и покрај тоа што била на функција за време на трагедијата, остана недопирлива. Зошто не одговара за тоа што не постапила по службените белешки за незаконското работење на „Пулс“? Зошто не одговара за затворената врата – клучен фактор за смртта на десетици млади? Зошто не е обвинет сменоводителот Драган Казак Петрушев, за кого има индиции дека бил директно инволвиран во незаконско затворање на дискотеката? Иако има сведочења за негов контакт со сопственикот и контроли надвор од процедура – Петрушев не се гони. Можеби затоа што е кадар на ВМРО-ДПМНЕ? И Дејан Салтировски, началникот на СВР Штип, е недопирлив“, велат од СДСМ.
Ваквите преписки придружени со прес-конференции траат со денови.
