Луксузното „Ауди“ не беше доволно – Мерко ослободен од вина


Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, доби ослободителна пресуда во постапката за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67.000 евра, откако Судот оцени дека нема доволно докази за сторено кривично дело.
Судската одлука утврди дека во текот на јавната набавка не постојат докази кои укажуваат дека Мерко имал намера да ја злоупотреби својата функција. Неговиот бранител, Игор Петковски, истакна дека со пресудата се потврдува оти при купувањето на службените возила, чија вкупна вредност изнесува 114.000 евра, не било прекршено ниту едно законско правило.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го обвини Мерко за злоупотреба на службена положба. Случајот привлече внимание и поради тоа што Мерко се најде на американската црна листа поради сериозни сомнежи за коруптивни дејствија и влијание врз правосудниот систем.
Сепак, Судот оцени дека нема доволно правна основа за негово гонење во конкретниот случај, поради што Мерко беше ослободен од обвинението.
Истрагата против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, започна по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата и беше процесуирана од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Предмет на постапката беше јавната набавка на луксузен службен автомобил „Ауди А6“, во вредност од 66.700 евра, кој го користел самиот градоначалник, како и уште три други возила, со вкупна вредност од 114.000 евра.
Обвинението беше поднесено по член 353 став 4 од Кривичниот законик, односно за злоупотреба на службената положба и овластување, дело за кое е предвидена затворска казна од една до пет години.
Антикорупциската комисија укажа дека купувањето на скапи возила било спроведено во време кога Општина Струга се соочувала со тешка финансиска состојба и долг од околу четири милиони евра, што според нив, претставувало неодговорно и штетно управување со јавните средства.
Во своја одбрана, Мерко тврдеше дека автомобилот не е луксузен и дека набавката била неопходна поради дотраената состојба на постојниот возен парк. Тој дури изјави дека и обични граѓани возат автомобили вредни 100.000 евра, со што се обиде да ја релативизира вредноста на службеното возило.
Обвинителството поднесе обвинение по повеќе од една година откако Ислам Абази ја презеде функцијата како шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал, а јавноста покажа засилен интерес за случајот, особено откако Мерко беше ставен на „црната листа“ на САД поради сериозни сомнежи за корупција и влијание врз правосудниот систем.
