Владата му ја покачи платата на директорот Стојанче Ангелов


Владата го измени коефициентот за пресметка на платата, за директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), сега да има покачување. Измената доаѓа по смената на директорот, односно откако со ДЗС почна да раководи Стојанче Ангелов.
Неговата плата, се зголемува за околу 12 илјади денари, односно за 13,8 отсто. Па така, платата која досега била 92.375 денари, од идниот месец ќе биде 105.159 денари.
Ангелов пред повеќе од година во „Претрес“ кажа дека тој е редовно вработен во М-НАВ, работно место кое му е во мирување поради директорската функција.
„Утре ако ме смени Владата, ќе се вратам на моето работно место во Македонска навигација. Да кажам дека се добри платите. Но платата не била пресудна“, рече Ангелов.
Инаку, Ангелов беше директор на Центарот за управување со кризи. Владата го назначи во ДЗС на местото од Џеват Селмани кој е во куќен притвор како осомничен за пожарот во „Пулс“.
