Нема олеснителни околности, рече обвинителката и побара доживотен затвор за убиствата на Вања и Панче


Јавното обвинителство побара доживотен затвор за четворицата обвинети – Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев – за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, што се случија во ноември 2023 година.
Во завршните зборови, обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска рече дека се работи за свирепи убиства, извршени со умисла, и дека за ниту еден од обвинетите нема олеснителни околности.
„Да се одземе живот на дете е недозволиво. Обвинетите не покажаа каење, манипулираа со јавноста и ја повторно ја трауматизираа фамилијата. Сите се во зрела возраст, родители, а дел и со политички амбиции“, рече таа, пренесе „Плусинфо“.
За Велибор Манев, Oбвинителството тврдеше дека свесно учествувал во двете убиства – закопувал тела, чистел траги, користел лопата, селотејп и вреќи. За Боре Видевски рече дека пред Обвинителството признал сè, но подоцна негирал сè пред судот, тврдејќи дека исказот бил изнуден – нешто за што нема докази.
Влатко Кешишев, според Обвинителството, не бил само „послушник“ туку директно учествувал: копал гробници, носел радиостаници, го возел „цитроенот“ и ги палел доказите.
За Палевски, првообвинетиот, обвинителката рече дека ја водел целата операција, креирал алиби, уништувал докази, користел повеќе телефони и комуницирал преку радиостаници. Сите докази, вклучително и базните станици и сведочењата на другите обвинети, го поврзуваат со злосторствата.
Според Обвинителството, жртвите биле грабнати со намера да се изнуди откуп – прво Панче, заради возилото, потоа Вања. Убиствата биле внимателно планирани, а извршени со особена суровост: жртвите биле врзани, држени во гепек, со вперен пиштол, подложени на тежок психолошки и физички стрес.
„Станува збор за тешки, двојни убиства извршени со умисла. Секој од обвинетите одиграл клучна улога. Единствена соодветна казна е доживотен затвор за сите четворица“, заклучи обвинителката.
