Македонија се празни, трета е во регионот по иселување


Македонија е меѓу водечките земји на Западен Балкан по обемот на емиграција – според податоците на Обединетите нации (UNDESA), дури 34% од населението живее надвор од државата. Со тоа, земјата се наоѓа веднаш по Босна и Херцеговина (49%) и Албанија (44%).
Иселувањето најмногу ја погодува младата, работоспособна и образована популација, што дополнително го забрзува процесот на демографско стареење и влијае врз економскиот и социјалниот развој.
Главните причини за масовната емиграција се долготрајна политичка нестабилност, висока невработеност, ниски плати и недостаток на перспективи, особено кај младите.
Проблем дополнително претставува недостигот од прецизни и ажурирани податоци за иселувањето, поради непостоечки регистар на население и неусогласени пописни методологии.
Иако оваа појава е присутна и во други земји од Балканот, експертите предупредуваат дека ако не се преземат брзи и структурни мерки, последиците за Македонија ќе бидат долгорочни и тешко надминливи.
