Македонија

Јованов пред Апелација: Не сум виновен за тоа за што ме товарат, дозволете ми да ја почувствувам правдата

„Не сум го сторил тоа за што ме товарат. Ве молам,дозволете ми и јас малку да ја почувствувам правдата“, им се обрати Васил Јованов на судиите од Апелациониот суд во Скопје, на крајот од денешната јавна седница за предметот во кој се товари за трговија со дрога, а каде Обвинителството бара повисока казна, додека тие бараат потврда на мерката која е изречена.

Првостепениот суд претходно му изрече воспитна мерка со упатување во поправен дом.Во февруари, Апелациониот суд ја преиначи првичната мерка и му изрече затворска казна од 3 години и 10 месеци. Сепак, Врховниот суд во мај ја укина оваа пресуда, бидејќи Апелација не одржала јавна седница, иако тоа го побарале и Јованов и неговиот адвокат.

Адвокатот на Јованов денеска оцени дека изречената воспитната мерка е правилна на првостепениот суд, бидејќи му дава шанса на млад човек да сфати колку згрешил и да се рехабилитира. Од друга страна, обвинителката Фатиме Фетаи смета дека Основниот суд ги преценил олеснителните околности и изрекол прелесна санкција.

„Фактот дека обвинетиот не ја признал вината, ниту доброволно ги прифатил последиците, говори за неговата свесност и упорност како млада личност да се занимава со продажба на наркотична дрога, организирана во станови специјално изнајмени за таа цел. Тоа доволно зборува за ниската морална свест и желбата за брз профит преку незаконски пат“, изјави Фетаи, пренесе Телма.

Адвокатот Панче Нефтенов ѝ реплицираше: „Ја повикувам колешката да ја прочита завршната изјава на Јованов и да се увери дали изрази искрено жалење. Се поставува и прашањето – дали затворските казни досега ја постигнаа целта? Дали затворите во Македонија рехабилитираат или се претвораат во универзитети за криминал, имајќи го предвид високото ниво на повратништво кај сторителите, особено за ваков тип дела?“

Судиите дополнително ќе ја соопштат одлуката

На почеток