Македонија

Оспорена оценка, незаконски потпис и дупли улоги: Судијата Димовски го тужи Судскиот совет и тврди дека е оштетен при оценувањето

Судијата Андреј Димовски го тужи Судскиот совет, за да докаже дека не бил оценет соодветно, а со одземените бодови, му ја ускратиле шансата да напредува во скопска Апелација. Пред Управниот суд тој и неговата адвокатка, Билјана Јандриоска, во детали елаборираа за сите прекршувања, што според нив, биле направени во процесот нa евалуација. Нееднаквост на оружјата, пракса спротивна на начелото на правната сигурност и Европскиот суд – се само дел од забелешките на кои акцент стави судијата Димовски. Адвокатката Јандриоска рече дека решението за оценување на судијата било потпишано од Сашко Георгиев, иако тој не бил претседател на Судскиот совет, туку таа улога ја имала Весна Дамева. Со тоа, тој не бил овластено лице. Таа беше децидна дека ранг листата била креирана нетранспарентно, а за слично постапување на Судскиот совет е донесена пресуда со која е констатирано незаконско постапување на членовите, а изборот на судијата бил поништен.

„Тужниот орган во повторената постапка не спровел повторно редовно оценување на тужителот (судијата) за период од 2019 до 2022 година, а за сето тоа да го направи требало да формира комисија во која нема да членуваат членови на комисијата која го спровела првичното оценување. Особено, сакам овој суд да има во предвид, а тоа е решението за редовно оценување на тужителот 29.12.2023 година е потпишано од Сашко Георгиев, кој во својство на член на Судскиот совет, немал овластување да потпишува решенија на Судскиот совет со кој се оценува работата на кандидати за повисокиот суд. Во време кога е донесено решението за оценување на работата на тужителот, претседател на Судскиот совет е Весна Дамева, а не Сашко Георгиев“, рече адвокатката Јандриоска.

Судијата Андреј Димовски, кој е тужител, рече дека правилниците на Судскиот совет не содржат јасни одредби за во оценката да влезе неговото искуство во Европскиот суд за човекови права, а со тоа му нанел штета. Посочи неколку пресуди со Европскиот суд, за случаи слични на неговиот, каде биле донесени пресуди каде државите ги изгубиле случаите. Кажа дека тој не бил оценет за цела 2019 година, а тоа влијаело на оценката да не биде избран за судија во Апелација.

„Тужениот орган наместо да го искористи своето овластување и да ја пополни правната празнина, на што е обврзан со закон, избра да заземе стојалиште против тужителот наместо во негова корист. Оваа обврска е веќе елаборирана од Европскиот суд. Тужениот орган го повредил принципот на еднаквост на оружјата на двете страни и воспоставил пракса спротивно на начелото на правна сигурност“, рече Димовски.

Тој рече дека членот Ивица Николовски постапувал и во комисијата каде се ранглирале кандидатите, ама и во комисијата каде се одлучувало по жалбите на апликантите.

„Недозволеното членување на Ивица Николовски, член на Судскиот совет, и во двочлената комисија која го извршила рангирањето на кандидатите во повисокиот суд, како и во трочлената комисија која одлучувала по приговорите на кандидатите против ранг листата, не го задоволува критериумот од субјективниот и објективниот тест на судот во Стразбур за непристрасно постапување“, додаде тој.

На крајот, тој предложи судечкиот совет да ги констатира сите незаконитости.

Судијата Димовски бара Судскиот совет да му направи ново оценување и бодување. Доколку Управниот суд ја прифати тужбата, највисокото судско тело ќе треба повторно да изврши оценување на овој судија што може да влијае на сегашниот избор на судиите во Апелација. Пресудата на Управниот суд се очекува идната недела.

На почеток