Алиу: Мојата задача не е да оперирам срце, туку да го менаџирам здравството


На средбата со новинарите, новиот министер за здравство Азир Алиу, кој инаку е информатичар, рече дека негова задача е да менаџира со здравствениот систем за да нема листи на чекање, а не да оперира.
„Јас сум доктор по информатички науки, не сум лекар, но позицијата што ја имам е менаџерска. Јас нема да оперирам срце, туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени. Ќе креирам системи за да може кардиологот да оперира срце во реално време со добри инструменти и да нема листи на чекање. Дигитализацијата е најдобар начин за подобрување на условите за лекување и само така може да се добие реална слика за пациентите кои чекаат термин за операција или терапија“, рече Алиу.
Прв приоритет ќе му биде состојбата во болницата во Кочани и најави дека утре ќе оди на средба со директорката на болницата, а ќе се сретне и со пациенти повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Тој рече дека ситуацијата на Клиниката за Онкологија е катастрофална.
„Имав можност да ја посетам Клиниката за Онкологија и за жал можам да кажам дека тоа таму на сè личи, само не на клиника во која се лекуваат таков вид на пациенти“, рече Алиу.
За прв пат сите граѓани над 40 години ќе можат да се скенираат, односно бесплатно да можат да извршат прегледи.
