Филипче со жестоки обвинувања за Мицкоски


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро го нападна премиерот Христијан Мицкоски, нарекувајќи го симбол на неисполнети ветувања, политичка хипокризија и опасни амбиции за авторитарно владеење. Во своето обраќање на Фејсбук, а откако Мицкоски го нарече предавник, Филипче го оцени слоганот „Најдоброто допрва доаѓа“ како навреда за интелигенцијата на граѓаните.
„Што допрва доаѓа? Не беа доволни четири години локална и една година централна власт за да се види барем еден резултат?“, праша тој, обвинувајќи го Мицкоски за лаги и неспособност.
Филипче се осврна и на економијата, велејќи дека Македонија, според Евростат, има најлош животен стандард во Европа, со стагнирани плати и инфлација, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ, според него, ужива во луксуз и непотребни трошоци.
„Се лета со приватни авиони, се јаде папаја и манго, а народот едвај врзува крај со крај“, истакна лидерот на СДСМ.
Тој го прозва Мицкоски и за, како што рече, „тајниот договор со Бехтел и Енка“, прашувајќи зошто уште нема тужба, и кој се вградил со проценти, откако Трајко Славески признал дека цената ќе порасне од 1,3 на 2 милијарди евра.
Во најостриот дел од настапот, Филипче го обвини премиерот за авторитаризам и нарушување на демократскиот поредок:
„Мицкоски сака да воспостави диктатура. Тоа не е ‘кодошење’, туку патриотизам – борба против врховизам и предавство.“
Во обраќањето, тој не го поштеди ни начинот на кој се третира културното наследство, прашувајќи „нели му беше срам на Мицкоски да се вози по дупките до Хераклеја“ и посочувајќи на запуштеноста на локалитетот во Битола, каде, според него, ВМРО-ДПМНЕ владее веќе четири години.
Филипче најави дека јавноста ќе слушне имиња на финансиери и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ кои, како што вели, се поврзани со трагедии и криминал, а кои досега биле чувани во тајност.
