Македонија

Бранителот на Кешишев: „Мојот клиент не е убиец – туку заложник на туѓа волја“

На денешното рочиште, адвокатот Игор Ефремов, бранител на обвинетиот Влатко Кешишев, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во делот од обвинението што го товари за соизвршителство во двете грозоморни убиства на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска.

Во својот завршен збор пред судот, Ефремов тврдеше дека во текот на целата постапка Обвинителството не изнело цврсти докази дека Кешишев делувал како соизвршител. Напротив, според него, токму исказите на другите обвинети и сведоци, како и самата изјава на Кешишев, укажуваат дека тој немал ниту умисла, ниту конкретни дејствија кои би го вклучиле како активен учесник во самите убиства.

Адвокатот посочи дека Кешишев имал подредена, па дури и потчинета позиција во однос на Љупчо Палевски, за кого рече дека „управувал со целото окружување, вклучително и со Влатко“. Неговата улога, според одбраната, била ограничена на помош околу грабнувањето, без свесност или согласност за конечниот чин – убиствата.

„Ако соизвршител е оној без чии дејствија делото не би било сторено – прашањето е: Кои се тие клучни дејствија на Влатко Кешишев?“ – праша Ефремов пред судот, повикувајќи се на начелото на индивидуализација на вината.

Според Ефремов, Кешишев не само што не знаел за намерите на сообвинетите, туку бил и првиот што по апсењето ги водел истражителите до местото на закопаните тела. „Да не беше неговата совест и каење – телата немаше да се најдат. Тој им помогна на органите на прогонот. Тоа не го прави убиец – туку сведок и жртва на туѓа контрола“, истакна тој.

На крајот, одбраната побара од Судот исклучиво да го цени учеството на Кешишев во делото „грабнување“, но да го ослободи од обвиненијата за „убиство“ и „соизвршителство“.

БОНУС ВИДЕО:

На почеток