Кочани доби ПРП терапија – повредените од трагедијата веќе се третираат локално


Во Општата болница во Кочани за првпат е изведена ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити) кај десет лица повредени во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Интервенциите се извршени од специјализиран медицински тим од скопската болница „Св. Наум Охридски“, објави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Претходно, девет други пациенти беа третирани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.
„Ова е голем чекор напред – ПРП терапијата сега е достапна во Кочани, без потреба од патување до Скопје!“, порача Клековски.
ПРП терапијата е современа медицинска метода која користи плазма од сопствената крв на пациентот, збогатена со тромбоцити, со цел да се стимулира и забрза процесот на регенерација и заздравување на кожата и меките ткива.
Овој напредок значително ќе го олесни лекувањето и рехабилитацијата на повредените, но и ќе обезбеди побрз пристап до современи терапии за целото источно подрачје.
