Македонија

Политички пресметки по инцидентот во Советот на Кочани: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања

По инцидентот на денешната седница на Советот на општина Кочани, при што една вработена во општината заврши со повреди откако беше погодена со шише, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со меѓусебни обвинувања за одговорност и политички манипулации.

Социјалдемократскиот сојуз најостро го осуди инцидентот, опишувајќи го како резултат на „провидно сценарио“ од ВМРО-ДПМНЕ насочено кон дестабилизација на општината. „Советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромска партија беа директно инволвирани, а повредена е вработена од администрацијата. СДСМ не стои зад инцидентот – тоа не е наш член туку коалициски партнер“, наведуваат од СДСМ, потенцирајќи дека токму советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ бил најгласен со навреди на етничка и лична основа во изминатите седници.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ со обвинување дека токму СДСМ и в.д. градоначалникот Венко Крстевски стојат зад поттикнување на насилството. „СДСМ го користи насилството за да ја води општината. Советникот кој предизвика физички напад е нивен сојузник и поддржан од нив“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи на итна оставка на Крстевски и јавно извинување од СДСМ.

Во меѓувреме, полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветна пријава.

Инцидентот го отвори прашањето за влошениот политички амбиент во Советот на Кочани, каде седниците сѐ почесто се одвиваат во атмосфера на тензии, обвинувања и – очигледно – насилство.

На почеток