Македонија

Финална фаза на судењето за убиствата на Вања и Панче – Обвинителството бара доживотен затвор, одбраната се брани со “нема мотив”

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржува едно од завршните рочишта во случајот што ја потресе Македонија – грабнувањето и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

На рочиштето своите завршни зборови ги изнесува адвокатот на првообвинетиот Јовица Страшевски, по што ќе се изјаснат и останатите обвинети – Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, како и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој е обвинет за помагање во нејзиното киднапирање.

Обвинителството е децидно: четворицата обвинети треба да добијат доживотни затворски казни за киднапирање и убиство, а таткото на жртвата – соодветна казна за соучесништво.

Одбраната, пак, настојува да ги убеди судиите дека кај дел од обвинетите немало претходен договор за убиство, туку само за киднапирање – и затоа бара или ослободување, или поблаги казни.

Адвокатите на Александар Ѓорчевски тврдат дека тој нема ниту мотив, ниту доказ за вина, и дека наместо обвинет – тој е уште една жртва во оваа трагедија.

Судењето влегува во завршна фаза. Доколку денешното рочиште тече според планот, пресудата се очекува на следното појавување пред суд. Вниманието на јавноста останува високо – како поради тежината на делото, така и поради шокантните детали што излегоа на површина за време на процесот.

На почеток