Македонија

(Видео) Не наседнувајте: Се појави лажна реклама со Тони Михајловски, направена со вештачка интелигенција

Актерот Тони Михајловски се огласи по појавувањето на видео-реклама во која наводно промовира лек – но, како што вели, сѐ е измама. Рекламата e целосно лажно склопена со помош на вештачка интелигенција. За видеото да изгледа пореално, искористена е и графиката и снимка од репортер на телевизија „Сител“.

„Рекламата со мене за некаков лек за било што е лажна. Вештачка интелигенција. Освен делот у некое собрание кај што ‘тепам’ некои пратеници.  Едноставно, сечено, лепено и монтирано“, напиша Михајловски на својот Фејсбук-профил.

Актерот појасни дека во моментов е ангажиран на снимање вистински реклами за друг клиент и најави дека тие наскоро ќе бидат објавени. До тогаш, апелира до граѓаните да не наседнуваат на секое видео што ќе го видат на интернет:

„Не наседнувајте на сѐ што ќе се исправи пред вас“, додаде тој со доза хумор.

Ова е уште еден случај на злоупотреба на ликови и гласови на јавни личности во дезинформативни видеа, најчесто поврзани со здравствени производи и „чудотворни“ лекови.

На почеток