Локалните избори го кристализираат теренот: ЗНАМ самостојно, СДСМ се повлекува од неколку општини


Политичката сцена пред претстојните локални избори почнува да добива појасни контури. Партијата ЗНАМ најави дека ќе настапи самостојно на овие избори, и со советнички листи и со кандидати за градоначалници, додека СДСМ ќе се повлече од трка за градоначалници во неколку доминантно албански општини.
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, потврди дека партијата преговара со ВМРО-ДПМНЕ за заемна поддршка на кандидати за градоначалници, но дека ќе настапат со сопствени имиња, а не во коалиција.
„Таму каде што ќе имаме кандидат за градоначалник од ЗНАМ, во договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, тој ќе биде поддржан од нивна страна и тие нема да имаат свој кандидат во тие општини. Зборуваме за целосна взаемна поддршка уште во првиот круг“, изјави Мемов.
Преговорите, според него, се во завршна фаза и се водат за повеќе општини – веќе е дефинирано Куманово, неколку општини во Скопје и повеќе помали низ земјата.
Од друга страна, СДСМ, под водство на Венко Филипче, нема да настапи со кандидати за градоначалници во седум општини со мнозинско албанско население: Сарај, Чаир, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Желино. Партијата ќе има само советнички листи, додека прашањето кого ќе поддржи во трката за градоначалници останува отворено.
Партиски извори брифираат дека одлуката е донесена од Извршниот одбор, но не се исклучува можноста за понатамошни преговори – било со ДУИ, било со Вреди. Особено бидејќи ВМРО-ДПМНЕ веќе најави поддршка за Вреди уште во првиот круг.
