Свет

Иран тврди: Нападите биле „површни“, нема радиоактивна контаминација

Иранските власти ја минимизираат штетата од американските воздушни напади врз трите клучни нуклеарни објекти – Fordow, Natanz и Isfahan – и тврдат дека не постои закана по безбедноста на населението.

Манан Раиси, претставник од областа Кум каде се наоѓа подземниот објект Фордоу, изјави дека нападот бил „површен“ и не предизвикал сериозна штета. „Спротивно на тврдењата на лажливиот американски претседател, објектот Фордоу не е сериозно оштетен. Она што е погодено е само на површината и може брзо да се обнови“, рече Раиси, пренесува новинската агенција Тасним.

Паралелно, заменик директорот на иранската државна телевизија, Хасан Абедини, соопшти дека чувствителниот материјал бил евакуиран навреме. „Залихите на обогатен ураниум беа преместени пред нападот, така што не постои ризик од радијација“, изјави Абедини за националната телевизија, а неговите зборови ги пренесе и агенцијата Ројтерс.

Дополнително, Реза Кардан од Организацијата за атомска енергија на Иран увери дека „не е забележана никаква радиоактивна контаминација надвор од погодените објекти“. Тој нагласи дека плановите за заштита биле активирани уште пред нападите и дека „граѓаните можат да продолжат со нормален живот без грижи“.

Сепак, западните аналитичари сè уште го проценуваат вистинскиот ефект од нападите, додека иранската страна се обидува да го контролира наративот и да спречи паника.

На почеток