Свет

Петмина загинати, десетици повредени во ноќниот руски напад врз Киев: Погодени станбени згради и метро-станица

Најмалку петмина загинаа, а повеќе од десет лица се повредени во најновиот руски напад со ракети и дронови врз Киев и околината, што се случи во текот на ноќта, соопштија денеска украинските власти. Нападот предизвикал големи пожари, урнати згради и оштетувања на инфраструктурата, вклучувајќи и влез во метро-станица што се користи како засолниште.

„Рускиот стил е ист – удирање таму каде што може да има луѓе“, изјави началникот на киевската воена управа, Тимур Ткаченко.

Во најтешко погодената населба Шевченкивски, уништен е влезот на цел станбен блок, каде според министерот за внатрешни работи, Игор Клименко, загинале четири лица, а има и затрупани под урнатините.

Во поширокиот регион на Киев, загинала 68-годишна жена, а најмалку осум лица се повредени, потврди гувернерот на областа, Микола Калашник.

Според украинската државна служба за итни случаи, нападот оштетил шест од десетте градски окрузи, а фотографиите од теренот прикажуваат спасувачи кои евакуираат луѓе од запалени објекти. Меѓу спасените има и бремена жена.

Во киевската населба Свјатошински е оштетен влезот во метро-станица, како и блиската автобуска постојка. Метро-станиците во Киев со месеци се користат како бомбо-засолништа.

Ова е нов во серијата масовни напади врз главниот град – само минатата недела во најсмртоносниот напад досега, загинаа 28 лица, а над 150 беа повредени. Украинските власти велат дека тогаш биле погодени речиси 30 цели во повеќе бранови.

Москва засега не ги коментирала нападите. И Русија и Украина негираат дека целат врз цивили, но во двегодишниот конфликт илјадници цивили – главно Украинци – ги загубија животите.

На почеток