Скопје

Стефковски најави вонредни мерки против загадувањето во Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска објави сет итни мерки поради зголеменото загадување на амбиенталниот воздух, кое во изминатите денови предизвика загриженост кај граѓаните.

„Од првиот момент кога ја регистриравме оваа состојба, го задолжив Секторот за инспекциски работи со вонредни контроли. Изречени се глоби и составени записници за повеќе физички лица кои го прекршиле Законот“, изјави Стефковски.

„Конкретни чекори:
Мобилен пункт на Вардариште – Инспектори ќе бидат стационирани секојдневно од 08:00 до 22:00 часот за постојан надзор над дивата депонија.

Соработка со Град Скопје и МВР – Општината испрати официјално барање за мешани патроли за откривање и санкционирање на загадувачите.

Кривична пријава до ОЈО – Поднесена е пријава по член 218 од Кривичниот законик против непознат сторител.

Дополнително, активирани се две телефонски линии:

075 346 932 за пријавување еколошки прекршоци,

075 346 938 за директен контакт со кабинетот на градоначалникот“, додаде тој.

„Ги повикувам граѓаните да соработуваат. Тоа е воздухот што го дишеме сите – и јас, и моите две деца“, рече Стефковски. Тој порача дека нема да има компромиси со прекршителите: „Загадувањето е кривично дело – тоа е напад врз нашето здравје.“

Градоначалникот најави дека институциите ќе постапуваат решително, и упати апел за општествена солидарност во борбата против загадувањето.

На почеток