Македонија

Нефункционални лифтови и проблеми со топла вода, вака живеат станарите во студентските домови

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ), е незадоволно од условите во студентските домови.

Се жалат на безбедноста, удобноста и бараат достоинствениот студентски живот.

„Во првото барање, доставено до Државниот студентски дом – Скопје, УСС-УКИМ апелира за навремена проверка и повторно оспособување на нефункционалните лифтови во објектите на ДСД – Скопје. Со оглед на приближувањето на новата академска година и очекуваниот зголемен број на станари, се нагласува значењето на функционални лифтови – како за олеснување на секојдневното движење, така и за овозможување безбеден и пристапен престој за сите студенти, вклучително и за оние со ограничена подвижност“, велат од УСС – УКИМ.

Во второто барање, упатено до студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука, УСС-УКИМ бара итна санација и сервисирање на бојлерите и целиот систем за топла вода, имајќи ги предвид, како што велат, честите проблеми со греење и топла вода во изминатите зимски сезони.

Дополнително, се посочува на проблемот со нефункционалните лифтови во овој дом, што претставува посебна тешкотија за студентите со здравствени или физички ограничувања.

УСС-УКИМ инсистира за навремена и одговорна интервенција уште во текот на летниот период, со цел почетокот на академската година да го дочекаат со подобрени услови за живот и студирање.

На почеток