Македонија

Беџети од ДУИ: Европскиот фронт ќе се проширува – оваа влада секојдневно ги деградира правата на Албанците

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети, денеска најави проширување на коалицијата не само со политички партии, туку и со поединци, интелектуалци и организации од граѓанскиот сектор. Тој ја обвини актуелната влада за, како што рече, систематско деградирање на правата на Албанците и игнорирање на законот за употреба на албанскиот јазик.

„Албанскиот јазик брутално се деградира, закони се испраќаат само на македонски, се укинуваат патокази, а 78 институции го игнорираат законот. Вработените во Инспекторатот за јазикот немаат земено плата со месеци“, рече Беџети, истакнувајќи дека целта е Албанците да бидат замолчени.

Тој повторно ги повика Влен и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори, оценувајќи дека владата носи „антиалбански одлуки“ и дека албанската заедница е системски исклучена од клучните процеси.

Беџети ја критикуваше и укинувањето на балансерот и партиски мотивираните вработувања, посочувајќи дека албанските претставници не се покануваат на државни посети, а во меѓувладини делегации се заменуваат со Македонци.

„Ова не е застапување, туку понижување. Албанците за најважните државни одлуки дознаваат од медиумите. Тоа е партнерството што Влен им го нуди на Албанците“, изјави Беџети.

Тој најави дека Европскиот фронт на локалните избори ќе настапи со „широка фронтална коалиција“ – како референдум на незадоволството на Албанците и другите заедници во државата.

На почеток