Македонија

(Фото) Стотина пораки за 100 дена од трагедијата во Кочани, осамнаа низ Скопје

По 100 дена од трагедијата во Кочани, граѓанското движење „Кој е следен“ сoакција му одговори на системот – со 100 пораки, поставени на различни локации низ центарот на Скопје.

„Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Но, ветивме дека нема да заборавиме“, велат од движењето, критикувајќи дека системот се обидувал да ги „дефокусира и дискредитира“.

Акцијата се родила од пораки што викендов граѓаните ги испратиле како одговор на едно прашање: Што би му порачале на системот на 100-тиот ден по трагедијата? Одговорите, како што велат организаторите, варирале од тага и болка, преку гнев и бес, до јасни повици за борба, слобода и правда.

„Овие 100 крика не се реторика, туку вистински критики за системот што нè убива. Наведената глава не не спасува – сабјата и понатаму сече. Време е да ги кренеме главите и да изградиме нов систем што го брани животот, а не профитот“, порачуваат.

Со симболичен поклон и извинување до Кочани, од движењето порачуваат: „Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме. Правда мора да има.“

На почеток