Свет

Москва ја притиска Србија – Путин и Вучиќ разговарале за српското оружје во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин и српскиот претседател Александар Вучиќ разговарале за наводните испораки на српско оружје во Украина, за време на нивната средба во Москва по повод Денот на победата на 9 мај, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Темата беше допрена за време на разговорите“, изјави Песков за РИА Новости, реагирајќи на прашањата за можно ново затегнување на односите поради обвинувањата од руските разузнавачки служби.

Руската надворешна разузнавачка служба (СВР) неодамна повторно ја обвини Србија дека преку фирми во Чешка и Бугарија индиректно извезува оружје за украинската армија. Станува збор за ракети за повеќецевни ракетни системи и минофрлачки гранати, кои, според СВР, „убиваат руски војници и жители на руските територии“.

Српските власти негираат официјална вмешаност, но Вучиќ – по средбата со воениот врв – објави дека земјата ја запира продажбата на оружје, без директно да ја поврзе одлуката со руските обвинувања.

Темата останува крајно чувствителна, особено поради традиционалната блискост меѓу Белград и Москва, како и растечкиот притисок од Западот кон Србија да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ.

На почеток