Свет

Белата куќа: Иран не го преместил облагородениот ураниум пред нападите

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста дека Иран преместил високо облагороден ураниум пред воздушните напади на САД и Израел врз нуклеарните локации Фордо, Натанц и Исфахан.

Трамп ги критикуваше американските медиуми по објавувањето на доверлив разузнавачки документ што ја доведуваше во прашање ефикасноста на нападите. Според него, операцијата резултирала со „целосно уништување на целните постројки“.

Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, изјави дека според „веродостојни информации“, иранската нуклеарна програма е „сериозно оштетена“.

Иако Техеран призна дека постројките се „значително оштетени“, некои експерти шпекулираа дека Иран можеби го отстранил облагородениот ураниум (околу 400 килограми облагородени до 60%) пред нападите – ниво блиску до прагот за изработка на атомска бомба.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, за Fox News изјави: „Можам да потврдам дека САД немаат добиено никакви индикации дека ураниумот бил преместен пред нападите.“

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), со која Иран најави прекин на соработката, го загубила надзорот врз тој материјал уште со почетокот на непријателствата, изјави директорот Рафаел Гроси за француската телевизија.

На почеток