Свет

Научници лоцираа над илјада контејнери со нуклеарен отпад во Атлантскиот океан

Меѓународен тим научници откри повеќе од 1.000 контејнери со нуклеарен отпад фрлени во северниот Атлантик пред неколку децении, соопшти францускиот истражувачки центар CNRS. Според податоците, до 1993 година во тие океански води биле фрлени најмалку 200.000 вакви контејнери.

Во средината на јуни, научниците испловиле од пристаништето Брест со бродот „L’Atlante“ со цел да го истражат западниот Атлантик. Четиринеделната експедиција имала за цел да ги лоцира местата каде што бил депониран отпадот и да утврди какви последици предизвикува врз морскиот екосистем.

Во периодот од 1950 до 1990 година, неколку држави фрлале нуклеарен отпад во оваа област, сметајќи дека големата длабочина (од 3.000 до 5.000 метри) и оддалеченоста од човечка активност се идеални за депонирање. Но, од 1993 година, ваквото одлагање е забрането.

Точната локација на сите контејнери и нивната состојба и натаму остануваат непознати – не се знае дали се распрснати или фрлани на одредени купишта. Истражувачкиот тим од 21 член има задача да ги мапира местоположбите, да земе примероци од вода, морско дно и морска фауна.

Во оваа мисија им помага автономното подводно возило UlyX, опремено со 3D камера и сонарен систем.

Патрик Шардон, раководител на проектот за мониторинг на локации со нуклеарен отпад во океаните (NODSSUM), истакна дека за поголемиот дел од отпадот е потребно околу 400 години за радиоактивноста целосно да исчезне. Иако контејнерите се изработени да издржат под огромен притисок, тие не се целосно отпорни на истекување на радијација.

Истражувањето продолжува со цел да се утврди реалниот ризик по животната средина и здравјето на луѓето.

На почеток