Македонија

(Вознемирувачко видео) Странски турист во Мостар скокна од Стариот мост и падна неколку метри од чамец – луѓето го претепаа

Странски турист беше физички нападнат во Мостар откако самостојно скокна од Стариот мост во реката Неретва. Според локалните медиуми, група Мостарци му забележале дека скокот бил „нестручен“, што, според нив, претставувало опасност и непочитување на локалната традиција.

Како што пренесува Avaz, туристот паднал само неколку метри од гумен чамец во кој се наоѓале луѓе. По излегувањето од водата, неколку луѓе скокнале по него и почнале физички да го напаѓаат. Ситуацијата ескалирала и на брегот, каде што, покрај навредите и пцовките, дошло до отворен конфликт, пренесува Слободна Далмација.

Скокот е снимен со мобилен телефон, а видеото прво беше објавено од порталот Crna-Hronika, по што брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика бурни реакции.

Скокањето од Стариот мост е една од најпрепознатливите традиции во Босна и Херцеговина и претставува симбол на градот Мостар. Секоја година, обично кон крајот на јули, се одржува официјално натпреварување кое собира професионални скокачи, локални ентузијасти и илјадници гледачи од целиот свет.

Поради големата височина на мостот и студената вода на Неретва, скоковите се исклучително ризични. Организаторите често нагласуваат дека вакви подвизи бараат долгогодишна подготовка и се препорачуваат само под стручна контрола.

На почеток