Свет

Студентите со јасни барања на протестот „Видимо се на Видовдан“: Избори и прекин на контрапротестот

Денешниот протест „Видимо се на Видовдан“, организиран од студентите, ќе се одржи вечерва во 18 часот на Трг Славија. Настанот е кулминација на неделите отпор и блокади, а организаторите упатија две клучни барања до Владата на Србија, придружени со јасен рок: до 21 часот, вечерва.

Во отворено писмо објавено рано утрово, студентите побараа:

Распишување вонредни избори: Владата да поднесе предлог до претседателот на Србија за распуштање на Народното собрание во согласност со член 109 од Уставот, со цел распишување на вонредни парламентарни избори.

Прекин на контрапротестот во Пионирски парк: Владата да повика Министерството за внатрешни работи да го прекине паралелниот собир, кој според студентите е организиран од провладини групи и регистриран со цел да го ослабне легитимитетот на студентскиот протест. Се повикува на член 18 од Законот за јавно собирање, во врска со член 8, кој уредува безбедност и намена на јавниот простор.

Михајло Павловиќ, студент од Електротехничкиот факултет, изјави за N1 дека протестот ќе биде мирен, а насилство нема да се толерира.

„Студентите нема да повикаат ниту во еден момент на какво било насилство. Целта е протестот да биде мирен,“ изјави Павловиќ.

Павловиќ реагираше и на изјавата на претседателот Александар Вучиќ дека студентите „не мора да чекаат до 21 часот“, велејќи дека таа покажува дека власта не е заинтересирана за волјата на граѓаните.

Протестот ќе се одржи на неколку локации со звучни системи кај Славија, Владата на Србија и Правниот факултет. Според објавена мапа, пунктови за прва помош ќе има на шест локации во центарот на Белград.

Иако јавниот превоз е отежнат, поради наводни дојави за бомби во возовите, многу граѓани најавија дека ќе пристигнат организирано од различни делови на градот и Србија. Групни собирања се закажани кај трговскиот центар „Ушче“, Трг Република и салата „Александар Николиќ“.

На почеток