Македонија

(Видео) Србите се поделија: Студентски протест со 500.000 луѓе, контрапрограма со шатори и поддршка од власта

Фото Нова.рс

Под слоганот „Се гледаме на Видовден“, денеска во Белград се одржа еден од најмасовните протести во поновата српска историја, организиран од студентите кои веќе неколку месеци се предводници на граѓанскиот отпор. Повод за протестите останува трагедијата од 1 ноември, кога во уривање на надстрешница на новата железничка станица во Нови Сад загинаа 16 лица.

Протестот започна со симболично 16-минутно молчење на плоштадот Славија, во чест на загинатите. Десетици илјади граѓани се собраа со транспаренти, знамиња и пораки за правда и одговорност. Организаторите соопштија дека на протестот учествувале над 500.000 луѓе, додека Министерството за внатрешни работи објави бројка од 36.000.

Паралелно со протестот, на платото пред српското Собрание се одржуваше настан организиран од групата „Студенти 2.0“, поддржана од власта. Поставени беа шатори во таканаречениот „Ќациленд“, а вечерта се одржа културна програма со литературни читања и проекција на филм.

Настанот беше поддржан од високи владини функционери, меѓу кои министрите Никола Селаковиќ, Златибор Лончар, Адријана Месаровиќ, како и претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, и Александар Вулин. Во близина беа поставени метални бариери и засилено полициско обезбедување.

На неколку точки низ градот, како и на влезовите во Белград, имало обиди за попречување на движењето на граѓаните кои доаѓале на протестот. Според сведоштва, групи блиски до власта ги пресретнувале автобусите, фрлале јајца и шишиња, и вербално ги навредувале учесниците.

И покрај тоа, протестот помина мирно, со јасни барања: распуштање на парламентот, распишување вонредни избори и прекин на шаторските контрапротести кои студентите ги сметаат за инструмент на политичка манипулација.

На почеток